Хроника Скопјанец се обидел во Грција да прошверцува 12 кила злато, 262 илјади...

Скопјанец се обидел во Грција да прошверцува 12 кила злато, 262 илјади долари и 154 илјади евра

Фото: Царинска управа

На граничниот премин „Богородица“, Скопјанец се обидел во Грција да изнесе безмалку 12 килограми злато, девизи во вредност од 262.000 долари и 154.000 евра, соопшти Основното јавно обвинителство. Обвинителството, постапувајќи по кривична пријава од Царинска управа, донело наредба за спроведување истражна постапка против лицето од Скопје, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„При детален преглед на автобусот, на левата страна од моторот во специјално направен бункер во кој биле пронајдени златото, девизите и еврата. Осомничениот, на 16 декември, избегнувајќи ја царинската контрола преку царинската линија на граничниот премин „Богородица“, на излез од Република Северна Македонија, во автобус со турски регистарски ознаки, пренел непријавена стока од големи размери, во вкупен износ од 23.286.120 денари“, соопштуваат од ОЈО.

Оттаму велат дека одредиле притвор за осомничениот бидејќи оцениле дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречува истагата со влијание врз сведоците и да го повтори кривичното дело.

„Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати прелдогот и му определи притворска мерка во траење од 30 дена“, соопштија оттаму.