Македонија Сите прегледи за бремените жени ќе бидат бесплатни

Сите прегледи за бремените жени ќе бидат бесплатни

Сите гинеколошки прегледи, микробиолошки прегледи, биохемиски анализи, вклучувајќи го и самото породување, ќе бидат бесплатни за секоја бремена жена, државјанка на Македонија, без разлика дали е здравствено осигурана или не, истакна денеска министерот за здравство, Никола Тодоров, кој додаде дека оваа мерка ќе стапи на сила од почетокот на идната година.

Тој посочи дека за намалување на трудничкиот морталитет донесени се пакет мерки. Оваа мерка има цел рано и навремено да се откриваат проблеми во бременоста и навремено да се реагира, како и да се подигне свеста кај бремените жени за редовни прегледи. Тодоров посочи дека бесплатните прегледи ќе бидат од голема корист и за бремените жени од социјално-ранливите групи, како и за жените од ромска националност, кои во голем дел немаат матичен гинеколог.

Во согласност со податоците од Заводот за мајки и за деца, во 2014 година од 23.500 бремени жени само 15.194 се јавиле кај матичен гинеколог, од кои 7.622 тоа го сториле во првите три месеци од бременоста, а другите подоцна.

Пакетот мерки предложен од Комитетот за безбедно мајчинство, во кој членуваат 10 доктори и екперти, предвидува и патронажните служби во рамки на домашната визита да стават посебен акцент на бремените жени од социјално-ранливите групи и на бремените жени со понизок степен на образование.

– Покрај советување на жените за потреба од избор на матичен гинеколог и мерки за здрава бременост, партонажните сестри ќе закажат најмалку по еден бесплатен преглед кај гинеколог од секундарна или терцијарна здравствена заштита и за тоа ќе ги известат жените. Како трета мерка е обврската што им е дадена на таканаречените ромски здравствени посредници, кои ќе ги посетуваат бремените жени од ромската популација, ќе ги советуваат и ќе им закажат, исто така, најмалку по еден бесплатен преглед – нагласи Тодоров.