Македонија Синот кој си го уби таткото претходно бил пуштен од болницата во...

Синот кој си го уби таткото претходно бил пуштен од болницата во Бардовци, одреден му е притвор

Според информации од надлежните институции, 28-годишникот втор пат се лечел во ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ во Бардовци. Директорот на болницата Мухсин Арифи за Мета.мк изјави дека тој бил доброволно хоспитализиран и дека доброволно ја напуштил болницата

Фото: Веб-страница на психијатриска болница „Бардовци“

Полицијата во вторникот извести, а Основното јавно обвинителство потврди дека во вторникот 28-годишник го убил својот татко, Б.П (75) во својот семеен дом во скопската населба Драчево.

„На 7 ноември, осомничениот го лишил од живот сопствениот татко, нанесувајќи му повеќе убодни рани со нож по телото и главата. Кога оштетениот се обидел да се одбрани, движејќи се кон ходникот, паднал на подот, а осомничениот продолжил да му нанесува убоди по целото тело додека не починал“, извести Јавното обвинителство.

Според информации од надлежните институции, синот втор пат се лечел во ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ во Бардовци. Директорот на болницата Мухсин Арифи за Мета.мк изјави дека тој бил доброволно хоспитализиран и дека доброволно ја напуштил болницата.

„Беше пуштен на пробен престој дома и земен од страна на таткото. Тој доброволно влезе и доброволно ја напушти болницата“, ни рече Арифи, но не сакаше да одговори на нашето прашање дали докторите претходно констатирале дека тој, и покрај дијагнозата, смее да ја напушти болницата.

„Не можам да ви одговорам на тоа. Тука има 340 пациенти, прашајте го докторот“, ни одговори Арифи.

Од обвинителството за Мета.мк во однос на случајот изјавија дека „за здравствената состојба на лицето се вршат вештачења“.

„Јавниот обвинител е запознаен со сите околности од интерес на постапката“, велат оттаму.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат законски основи кои укажуваат дека притворската мерка е неопходна за непречено водење на постапката и за обезбедување на присуството на осомничениот. Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и 28-годишникот е префрлен во притвор.