Македонија Синдикатот на „Југохром“ со писмо ќе бара да се вклучат печките на...

Синдикатот на „Југохром“ со писмо ќе бара да се вклучат печките на комбинатот

Претставници на синдикатот на комбинатот „Југохром“ денеска ќе предадат писмена ургенција до Второстепената комисија при Владата на Република Македонија како охрабрување и поттик комисијата да одговори позитивно на жалбата против неоправданото исклучување од работа на фабриката.

Планирано е писмото да се предаде денеска во 12 часот во просториите на Второстепената комисија во Скопје.

„Доколку Второстепената комисија веднаш не ја укине одлуката донесена од Државниот инспекторат за животна средина за исклучување на печките на „Југохром“ од 1 јануари 2017 година, седумстотини вработени и нивните семејства ќе останат без основната егзистенција. Доколку комисијата не покаже чувство за реалноста, тоа ќе претставува економска, егзистенцијална и демографска катастрофа за целиот крај“, се вели во писмото на синдикатот.

Од синдикатот на „Југохром“ бараат да се направи веродостојна анализа за тоа кој вистински го загадува Тетово, а од менаџерскиот тим на комбинатот бараат да продолжи со изградба на системот за отпрашување.