Дописници Силниот ветер го остави битолскиот регион со часови без струја

Силниот ветер го остави битолскиот регион со часови без струја

Силниот ветер кој од ноќеска дува во битолско-пелагонискиот крај остави делови од градот без струја, како и дваесетина села во регионот. Ветрот на места дувал и со брзина од 90 до 100 километри на час.

Поради дефект на електрична мрежа, без напојување се многу деловни објакти во индустрискиот дел на градот, како и сите села на патот од Битола кон граничниот премин Меџитлија.

Без струја се и селата во околината на Пелистер. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека силниот ветер кој дува од ноќеска направил најголеми штети на електричната мрежа, а веќе стигнуваат и информации за штети на приватен имот.

– Делови од градот, особено во индустрискиот дел се без струја од 5 часот изутринава, а таква е сликата и во битолските села на потегот кон Грција. Селата Дихово, Кажани, Цапари, Раштани, Лера, како и Драгарино и Драгожани исто така се без струја, а се прибираат и други информации за штети од ветерот во индивидуални објекти – велат од регионалната дирекција за заштита и спасување.

Граѓани јавуваат и за навалени дрвја и за скршени гранки, но од Јавното претпријатие „Комуналец“ информираат дека веќе се на терен и ги расчистуваат коловозите.