Дописници Штипскиот универзитет пополни една четвртина од слободните места

Штипскиот универзитет пополни една четвртина од слободните места

Од понудените 5.390 слободни места на државниот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип, во првиот уписен рок конкурирале околу 1.600 студенти. Оваа бројка, според анaлизите на универзитетот, се должи на помалиот број на завршени средношколци, но и на фактот дека дел од нив немаат положено државна матура.

Поради тоа, надежите се насочени кон вториот уписен рок. За проректорот за настава Емилија Јаневиќ – Ивановска, оваа бројка е очекувана и речиси идентична како и во првиот уписен рок во претходните години.

-Со вториот уписен рок очекуваме да бидат пополнети околу 70 до 80 отсто од слободните места на факултетите. Вториот уписен рок секогаш е поинтересен. Освен тоа, вообичаено подоцна стигнуваат и пријавите на странските студенти, по што ќе ја знаеме конечната бројка, вели Јаневиќ – Ивановска.

На дванаесет факултети и три академии студираат околу 300 странски студенти, најголемиот број од Турција. За разлика од Македонија, каде има универзитети, кои не можат да ги пополнат слободните места, во Турција, поради ограничените квоти, не се доаѓа лесно до индекс.

Медицинските науки се најчестиот интерес на турските студенти, а поретко се запишуваат на техничките факултети. За нив е задолжителна подготвителната година со учење на јазикот, што според универзитетот, оди потешко, бидејќи македонскиот јазик за Турците се покажал тежок за учење.

В.К.