Денеска и утре уписи на нови студенти на УКИМ

Фото: УКИМ (ukim.edu.mk)

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска и утре ги врши уписите на кандидатите кои конкурираат за првиот циклус на студии единствено според успехот постигнат во средно образование. За матурантите кои се рангираат според оценките од средно школо и рангирањата на приемните испити, пријавувањето на кандидатите заврши на 26 и 27 август.

Дел од факултетите на УКИМ, како што е Архитектонскиот факултет, организираат приемен испит за запишување на студенти на прв циклус студии. Па така, кандидатите на овој факултет полагаа приемен испит на 30 август, со физичко присуство на кандидатите, по што факултетот треба да ги објави резултатите од приемните испити.

Покрај на Архитектонскиот факултет, проверка на знаењата и умеења на пријавените кандидати се врши и на Факултетите за драмски уметности, ликовни уметности и музичка уметност. Притоа, на овие три факултети, успехот постигнат со проверката на знаењата и умеењата на кандидатите носи дури 60 отсто од поените кои служат за финално рангирање на примените студенти на прв циклус студии.

Исто така, на Педагошкиот факултет и на Природно-математичкиот факултет на УКИМ се врши претселекција на кандидатите по пат на интервју, кое не се бодира.

Инаку, на УКИМ во претстојната 2021/2022 година се слободни 10.678 места за упис на прва година додипломски студии на сите факултети.

Конкурсот за упис на студенти на прв циклус студии беше објавен во јуни годинава, при што во него беше наведено дека во квотата редовни студенти кои се финансираат од буџетот на државата има места за 5.247 студенти и тие ќе плаќаат школарина од 200 евра. За редовните студенти кои ќе ги кофинансираат студиите има 4.366 слободни места, додека 1.065 места за слободни за вонредните студенти. Овие две категории на идни студенти ќе плаќаат по 400 евра за студирање на УКИМ.

За оние заинтересирани кандидати кои ќе го пропуштат првичниот рок, вториот рок за пријавување е 16 и 17 септември, додека третата шанса за упис на факултетите на УКИМ е на 28 септември.

Повеќе детални информации за уписите на додипломски студии на УКИМ може да се погледнат овде.