Дописници Штипјани не ја даваат атлетската патека

Штипјани не ја даваат атлетската патека

Протестни десет круга ќе трчаат вечерва штипските маратонци, на сè уште постоечката атлетска патека во Градскиот стадион во Штип.

Протестното трчање, што го организираат од клубот „Брегалница“, како што велат, е силно противење на засега срамежливите најави, дека патеката, најаверојатно, ќе биде преорана со реконструкцијата на стадионот.

Со пари на Светската фудбалска федерација и на Општината Штип, наскоро ќе почне целосна реконструкција на Градскиот стадион во Штип. Во најавите за новиот изглед, ќе ја нема патеката, која засега е единтвеното место каде тренираат штипските вљубеници во атлетиката.

Маратонецот Жикица Ивановски ја предводи малата група ателтичари, кои ќе останат без простор за тренинг.

– Иако сегашната патека е во катастрофална сосотјба, ние немаме друга алетернатива за тренинг. Ако ја снема, би изчезнал и оној мал интерес за атлетиката во Штип – изјави Ивановски.

Поради тоа, атлетичарите и рекреативците вечерва, во 19 часот, на руинираната атлетска патека ќе ги трчаат протестните кругови. Меѓу нив ќе бидат и штипските маратонци, кои се надеваат дека нема да ги трчаат последните кругови.

АК „Брегалница“ памети многу ѕвездени мигови. Во 1984 година беше прогласен за најдобар ателетски клуб во Македонија. Атлетската патека на која тренираат штипските спортисти е од минатиот век, кога е изграден стадионот во Штип. Наскоро стадионот првпат целосно ќе се реконструира, со поставување нов тревник со дренажа, нови покриени трибини со 5.000 столчиња и надградени соблекувални. Атлетската патека засега не е предвидена во проектот.