Свет Европа Штајнмајер утре во Атина

Штајнмајер утре во Атина

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, в четврток во Атина ќе се сретне со неговиот германски колега, Франк Валтер Штајнмајер. Шефот на германската дипломатија доаѓа во еднодневна посета, само неколку дена по заменичката на американскиот државен секретар, Викторија Нуланд.

Покрај средбата со Коѕиас, Штајнмајер ќе се сретне со премиерот Алексис Ципрас и со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.

Делумна причина за посетата на Атина, освен разговорите за билатерални и за меѓународни прашања, е фактот што Штајнмајер ќе биде именуван за почесен доктор на Универзитетот „Пиреја“ во Атина, каде долгогодишна академска кариера имаше и самиот Коѕиас пред да го преземе министерството за надворешни работи во владата на СИРИЗА.

Посетата на Штајнмајер доаѓа и само неколку дена по самитот во Брисел за бегалската криза, на кој беше договорена поинтензивна соработка меѓу Грција и Македонија. Весникот „Катимерини“ пренесува дека на самитот една од темите што му создавала поголем проблем на Ципрас бил европскиот притисок за потребата за поголема соработка со Македонија. Во еден момент од оваа дискусија, Ципрас ја напуштил просторијата за да поразговара со своите соработници во Атина.

„Катимерини“ забележува дека голем број функционери посочиле за весникот дека Ципрас не сакал да соработува ниту со Македонија, ниту со Турција поради притисоците со кои се соочува од министерот за одбрана, Панос Каменос, и од министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас.