Македонија Шилегов: Пешевски во анкетниот лист не ја пријавил компанијата на Кипар

Шилегов: Пешевски во анкетниот лист не ја пријавил компанијата на Кипар

Криминално-корупциските скандали се секојдневие за владата на ВМРО-ДПМНЕ. Се отвори нов корупциски скандал по признанието на Владимир „дил-ориентед“ Пешевски дека се уште е директор на компанија од Кипар, рече на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Пешевски го криел овој факт. Не ја пријавил компанијата во анкетниот лист, а директорската позиција ја криел и во неговата биографија. Спротивно на Законот за спречување на судир на интереси и законските регулативи. Сега Владимир Пешевски е фатен жив и наместо неуспешно да се правда треба да одговори: Зошто парите од хонорари за консултантски услуги оделе преку офшор компанија на Кипар? Колкави приходи пријавил и колку данок платил за тие приходи во Македонија? Пешевски пееше патриотски песни, едно име имаме, на митинг на ВМРО-ДПМНЕ ама не му било проблем на Кипар да биде запишан со референцата ФИРОМ. Ете колку е провиден лажниот патриотизам на корумпираниот врв од ВМРО-ДПМНЕ. Државната комисија за спречување на корупција е должна да ја објави изјавата на Пешевски за судир на интереси и да отвори предмет, во спротивно членовите на Државната комисија за спречување на корупција се сторители на кривично дело и ќе одговараат пред правдата – рече Шилегов.

Тој додаде дека овој нов корупциски скандал е уште една потврда дека на Македонија и е потребно враќање на правото и правната држава.

– Аболицијата мора да биде поништена целосно. Секој што го прекршил законот мора да одговара и ќе одговара – изјави Шилегов.