Македонија Шилегов: Ќе го вратат украденото и ќе одговараат, следуваат темелни судски реформи

Шилегов: Ќе го вратат украденото и ќе одговараат, следуваат темелни судски реформи

„Новата реформска влада веднаш по изборот ќе предложи продолжување на рокот во кој Специјалното јавно обвинителство може да поднесува обвиненија, за расчистување на скандалот со прислушувањето и за понатамошна борба против корупција, криминал, злоупотреби на власта“, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој додаде дека изборот на новата реформска влада значи крај за „сваровски-судството“.

„Веднаш ќе ги донесеме измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара СЈО, за да овозможиме квалитетни истраги и одговорност за сиот криминал и злоупотреби. Новата влада ќе обезбеди поширока поддршка и мнозинство за воведување на специјализирано одделение во судот, за постапување по предметите што се во надлежност на СЈО. Ќе има реформи на Судскиот совет, како и измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и за разрешување на судиите“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки.

„Ќе следуваат и темелни реформи во Јавното обвинителство. Затоа ги повикуваме сите вработени во јавните установи и во правосудниот систем да бидат свесни за нивната одговорност и за историскиот момент во кој живееме. Секој мора да ја работи својата работа професионално, неселективно и според законите и да не се става во заштита на криминалот и на криминалците“, додаде Шилегов.