Македонија Шилегов: Ќе бидат извршени определени корекции на „Зелениот покрив“ на ГТЦ

Шилегов: Ќе бидат извршени определени корекции на „Зелениот покрив“ на ГТЦ

Во однос на реакциите околу идејното решение и изгледот на „Зелениот покрив на ГТЦ“, градоначалникот Петре Шилегов, денеска на седницата на Советот на Град Скопје потенцираше дека истото е донација од АД „Градски трговски центар“, кој е посебен правен субјект во државна сопственост и со кој Град Скопје нема допирна точка во структурите на управување на ова претпријатие.

– Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ, како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку финансирање на истиот и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“ каде што се членки Здружението на архитекти ќе бидат извршени определени корекции на проектот – додаде Шилегов.

Тој спомена дека целокупниот идеен и изведбен проект за зелениот покрив на Градскиот трговски центар, согласно со кој Градот Скопје ќе инвестира во проектот, е донација од претпријатието.

 – Градот Скопје заедно со УНДП, пред повеќе од осум месеци потпиша меморандум за соработка од областа на спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје, поврзана со мапирање на геотермални точки. Спроведените истражувања покажаа дека покривот на ГТЦ е за 10 степени потопол од пре останатиот простор околу плоштадот Македонија и оттука произлезе идејата дел од овој покрив да биде зазеленет – кажа Шилегов.