Македонија Шилегов: Груевски, Трајановски и Чавков ќе одговараат за поплавите

Шилегов: Груевски, Трајановски и Чавков ќе одговараат за поплавите

Никола Груевски, Коце Трајановски и Митко Чавков ќе одговараат за лажење, неспособност и за нанесување штета на граѓаните во врска со поплавите, изјави денеска на прес-конференција Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

– Ќе одговараат зашто пуштиле во употреба ризична обиколница, зашто не го предупредиле населението навреме за катастрофата, зашто не ги исчистиле каналите и коритата, зашто не го сопреле сообраќајот кон ризичното подрачје. Никола Груевски,  катастрофата што го снајде Скопје е поради твоја негрижа! Во 2009 година, заедно со Миле „ми текна“ Јанакиески си сечел лента за пуштање на обиколницата, а не си обезбедил заштита од поплава на околината – рече Шилегов на прес-конференцијата.

Портпаролот на опозициската партија посочи и дека власта под раководство на Груевски трошела милиони евра за, како што ги нарече, „тркало на лудоста“ и „пиратски бродови“, а за заштита на животот на луѓето не презела ништо.

– Коце Трајановски, си му аплаудирал на Никола кога сечел лента за обиколницата, а си знаел дека го поплавува Стајковци! Коце, ти носиш одговорност за жртвите од поплавата, зашто си им упатил загрозувачки апел на луѓето да не излегуваат од домовите и од нивните возила! Митко Чавков, и ти ќе одговараш за тоа што си дозволил да нема сообраќајна полиција во критичните моменти, која ќе ги сопира навреме возачите пред да се упатат кон обиколницата на смртта – рече Шилегов.

Тој додаде дека наскоро ќе има темелна реконструкција на инфраструктурата, безбеден и подобар живот за граѓаните.