Здравје Шест ученици се затруле со храна во ресторан во Претор

Шест ученици се затруле со храна во ресторан во Претор

Од добиените резултати детектирани се еnterobacteriacae од садови за подготвување на храна и присуство на коагулаза позитивни стафилококи и еnterobacteriacae од брисеви од раце на персонал, наведено е во извештајот на ИЈЗ

Photo by Apex 360 on Unsplash

Шест деца на возраст од 8 до 14 години, се затруле со храна додека биле на екскурзија и јаделе во ресторан во Претор минатиот месец, соопшти Институтот за јавно здравје.

„Ученици кои одат на училиште во село во Ресенско, а при заедничка екскурзија, јаделе во ресторан во Претор. Во епидемијата се регистрирани вкупно 6 заболени ученици. Центарот за јавно здравје во Битола, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство Државниот здравствен и санитарен инспекторат, направија епидемиолошко истражување. Направен е хигиено епидемиолошки увид во објектот, земени се брисеви од вработените и од работните површини и помагала. Од добиените резултати детектирани се еnterobacteriacae од садови за подготвување на храна и присуство на коагулаза позитивни стафилококи и еnterobacteriacae од брисеви од раце на персонал“, наведено е во извештајот на ИЈЗ.

Во извештајот се додава дека објектот е времено затворен од страна на ДСЗИ, а наложена е и комплетна дезинфекција. Предложени биле и дополнителни мерки за редовна посета на курсеви за хигиенско оддржување, носење соодветна и правилна лична заштитна опрема, замена на искористен прибор, сервирање храна во што пократок можен рок по подготвување и вонредни санитарни прегледи по потреба.

До ИЈЗ во текот на септември пристигнати биле две пријави за епидемии на заразна болест (intoxicatio alimentaris).

Најчесто регистрирано акутно заразно заболување се ентероколитите со вкупно 530 пријавени лица. Најголем број припаѓаат на цревни заболувања (69 отсто). Освен тоа, пријавени се и 237 случаи (26,8 отсто) на заболени од групата на капкови заболувања. Регистрирани се и 209 случаи на овчи сипаници.

Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) се регистрирани 7 заболени лица и тоа пријавени се 3 случаи на вирусен хепатитис Б, 2 случаи на сифилис и по еден случај на вирусен хепатитис Ц и хламидија. Четири од регистрираните ХИВ лица се хетеросексуалци, две заболени лица се припадници на МСМ популацијата и едно лице е изјаснето како бисексуалец.

Во септември, евидентирани се и 855 ковид случаи, од кои 347 се реинфекции. Пријавен е еден смртен случај од акутно заразно заболување (не сметајќи ги COVID-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ). Се работи за случај на хеморагична треска со бубрежен синдром. Регистрираниот случај е машко лице на возраст од 74 години од Скопје.