Македонија Северна Македонија тапка во место според годишниот извештај за состојбата со човековите права...

Северна Македонија тапка во место според годишниот извештај за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето

Фото: Принсктин Rainbow Europe

Втора година по ред Северна Македонија е на 31-во место од 49 земји на годишниот извештај за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето „Rainbow Europe“ на организацијата „ИЛГА Европа“.

Според извештајот во шест категории, Македонија е рангирана со 27% од вкупно 100% во однос на постигнатите права за ЛГБТИ заедницата.

За правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во земјава да се подобри, во документот се препорачува усвојување на правична и транспарентна правна рамка за признавање на родот, заснована на процес на самоопределување и ослободена од навредливи барања.

„Воведување закони за говор на омраза кои експлицитно ги покриваат сите злосторства мотивирани од пристрасност врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики. Усвојување ажурирани акциони планови за еднаквост кои изрично ги споменуваат сите основи на сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики“, е наведено во делот со препораки.

Од земјите во соседството, полошо рангирана е само Бугарија која се наоѓа на 40. место. Најдобро рангирана е Грција која е на 17-то место, Албанија се наоѓа на 28-мо место, Косово на 25-то место, а Србија е на 23-то место.