Македонија Северна Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ

Северна Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ

Фото: МНР

Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година. Земјава на почетокот на годината стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ или познато како ОБСЕ тројка, заедно со сега веќе минатогодишниот претседавач Шведска, како и актуелниот претседавач за оваа година Полска.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција најави дека формално започнуваат обврските на земјава  поврзани со претседавањето во 2023 година со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ во која членуваат 57 земји, плус 11 медитерански и азиски земји партнери на Организацијата.

„На првиот работен ден во годината го преземаме претседавањето со Групата на медитерански партнери – Алжир, Египет, Израел, Јордан, Мароко и Тунис и притоа како копретседавачи во првата година од нашето учество во тројката ќе ја организираме и Медитеранската конференција меѓу ОБСЕ и земјите медитерански партнери најверојатно во Скопје, а потоа го преземаме и управувањето со донесувањето на буџетот на Организацијата“, рече Османи.

Оваа година, според министерот, е еден вид генерална проба за целосно преземање на претседателството со Организацијата во 2023 година. Предвидено е околу 15 дипломати да се упатат во мисијата во Виена, да работат во рамки на претседавачкото трио и водењето на групата на медитерански партнери и да се подготват за финално преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година. За оваа намена веќе е предвиден и буџет за реализација на активностите кои произлегуват од претседавањето со ОБСЕ од околу 110 милиони денари или околу 1,8 милиони евра.

Според Османи, претседавањето со ОБСЕ за нас ќе претставува и внатрешен трансформативен процес од консумент да станеме креатор и контрибутор на политиките на светско ниво. Ваквата инверзија на улогите, нагласи министерот, претставува нова можност за нашето внатрешно институционално и политичко созревање, но во исто време рака под рака со глобалната експонираност тоа претставува и можност за зајакнување на имиџот на државата преку афирмација на нашите вредности и визии.

„За нас во куќата на дипломатијата еден од најважните приоритети во 2022 година ќе биде токму претседавањето со ОБСЕ и преку активната улога како дел од тројката, но и преку нашата подготовка за претседавањето во 2023 година“, рече Османи.