Македонија СЕММ: Прислушувањето на новинарите ја прекршува слободата во изразувањето

СЕММ: Прислушувањето на новинарите ја прекршува слободата во изразувањето

Советот за етика во медиумите на Македонија изразува сериозна загриженост по сознанието за прислушувањето новинари, сметајќи дека со тоа се нанесува голема штета и последици врз работата и угледот на новинарите и врз работењето на медиумите воопшто.

„Прислушувањето новинари сериозно ја прекршува слободата во изразувањето и во такви услови не може да стане збор за етика во информирањето на јавноста. Ова е целосно недозволиво во едно слободно и демократско општество. Новинарите имаат право да добиваат и да објавуваат информации, а истовремено да изнесуваат критички ставови. Тие имаат право на свое мислење и убедување, како и на негово искажување преку средствата за јавно информирање. Во својата работа новинарите не смеат да бидат изложени на притисоци и да бидат принудени да дејствуваат спротивно на своите размислувања или убедувања“, се вели во соопштението од СЕММ.

Советот смета дека новинарството како професија има голема улога во заштитата на демократските вредности, а во работата на новинарите е неопходно да се создадат сите услови за информирање на јавноста на чесен, непристрасен и сеопфатен начин.