Македонија СЕММ: Најмногу жалби добиваме од граѓани и од граѓански организации

СЕММ: Најмногу жалби добиваме од граѓани и од граѓански организации

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска на прес-конференција соопшти дека во изминатата година и половина има добиено повеќе од 120 жалби на различни основи.

– Бројката на пристигнати жалби и интересот на граѓаните, но и на другите организации и институции, влева надеж дека саморегулацијата како процес може да влијае позитивно врз подобрувањето на медиумскиот систем во земјата, кој во моментот е во криза од аспект на професионализмот и на етиката“, рече Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ.

Основите за поднесување жалби се различни, а најчесто жалба се поднесува за неточно и нефер известување, говор на омраза, дискриминација, незастапена втора страна, нарушување на приватноста, како и за мешање факти и мислења.

Од Советот за етика информираат дека најчесто жалби поднесуваат граѓани, граѓански oрганизации, новинари и политичари.

– Сепак, потребно е уште време да се научат правилата, што е саморегулација, а што регулација. Тоа го мешаат и новинарите и граѓаните, а особено политичарите – рече Драган Антоновски, претседател на СЕММ.

Само мал дел од жалбите се решени преку посредување, што потврдува дека медиумите сè уште даваат отпор да ги признаат грешките во известувањето.

Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ, рече дека проблем има и со необјавување на одлуките донесени од Советот на етика.