Дописници Битолски села покрај грчката граница четири дена се без струја

Битолски села покрај грчката граница четири дена се без струја

Битола утрово се разбуди на -18 Целзиусови степени. Студот ги окова во мраз Драгор и Црна Река. Неколку села покрај македонско-грчката граница веќе четири дена се без струја. Од 30 декември, кога првпат падна снег во Битолско, пограничните села Лажец, Породин, Кишава и Острец се без електрична енергија, потврдуваат од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола. Исто така, од пред Нова година без струја се и селата Секирани и Драгожани, кои се во битолскиот атар на патот за Демир Хисар.

– Струја нема во шест села во Битолско од деновите пред Нова година, се надеваме дека екипите на надлежните претпријатија денеска ќе ги санираат штетите и овие граѓани конечно ќе добијат електрична енергија. Што се однесува до водоснабдувањето, Битола и Битолско немаат проблем со тоа – вели Димче Јошевски, од регионалната дирекција во Битола.

Патиштата кон Битола и кон руралните средини се проодни, велат од ЈП „Нискоградба“ во Битола. Од пред Нова година досега по главните сообраќајници и по регионалните патишта фрлени се 160 тони сол и 120 кубни метри ризла, потврдува директорот на ЈП „Нискоградба“, Кире Крстевски.

А.Б.