Македонија Секретаријатот за родова еднаквост заборавен, ниту еден сигнал од власта на РСМ

Секретаријатот за родова еднаквост заборавен, ниту еден сигнал од власта на РСМ

Работата за предлог законот за родова еднаквост, врз основа на кој е предвиден овој секретаријат, е запрена, а работната група веќе една година не одржала состаноци

Фото: илустрација на Канва од Фисник Џелили/Portalb.mk. Фото во позадина: Еуген Тамас

Иако беше ветено, претходната Влада на Северна Македонија не успеа да го формира Секретаријатот за родова еднаквост. Работата за предлог законот за родова еднаквост, врз основа на кој е предвиден овој секретаријат, е запрена, а работната група веќе една година не одржала состаноци. Ниту актуелната влада не дава позитивни сигнали за формирање на овој секретаријат, пишува Порталб.мк.

Иако партиите постојано се залагаат за родова еднаквост и борба против родовиот јаз, Секретаријатот за родова еднаквост во РСМ, од кој се очекува да ги води овие процеси, сè уште не е формиран.

Законската основа за формирање на овој секретаријат е во Законот за родова еднаквост, кој предизвика жестока дебата во земјава.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) напоменаа дека поради нејаснотиите и главно поради приговорите од страна на Црквата, одржани се 16 јавни дискусии за собирање на мислења.

„По овие случувања, од септември 2023 година, работата за предлог-законот е прекината и работната група нема одржано состаноци“, соопштија од МСПДМ.

Од Центарот за еднакви можности „Молекуќја“ истакнаа дека формирањето на Секретаријатот за родова еднаквост е национална емергенција, бидејќи треба да се формира што поскоро и пред се да биде функционален.

„Секојдневно сведочиме на родова нееднаквост во државата. Ваквата институција е неопходна за овие процеси ефективно да се придвижат напред. Партиите треба што поскоро да се обединат и да го формираат ова тело што е можно побргу, бидејќи ветуваат многу, а во пракса прават многу малку“, изјавија од Молекуќја

Од друга страна, на прашањето дали ќе го формираат овој Секретаријат, од Владата не дадоа конкретен одговор на нашето прашање, туку ни испратија одговор во кој покажаа колку е важна родовата еднаквост за власта.

Од Собранието на РСМ изјавија дека овој закон не е доставен до Собранието.

Секретаријатот за родова еднаквост не е дел од програмата на владејачката партија на владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали ќе се формира овој Секретаријат, од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на новинарските прашања.

Не ни одговарија ниту од СДСМ, кои и го ветија овој Секретаријат на последните парламентарни избори.

Според предлог-законот за родова еднаквост, Секретаријатот за родова еднаквост би бил задолжен за следните задачи: Хоризонтална координација на родовите субјекти и механизми за спроведување на законот; следење на усогласувањето на политиките и обезбедување експертски мислења, предлози и насоки за усогласување на владините политики; обезбедување експертска поддршка; поднесување до владата и министерството иницијативи и предлози за измена и дополнување на законите во однос на родовата еднаквост и политики кои мора да бидат усогласени со законот; соработка со здруженија, фондации и неформални групи за родова еднаквост и социјални партнери; формирање на Совет за родова еднаквост како советодавно тело за воспоставување соработка и собирање мислења и предлози за унапредување на политиките за родова еднаквост; составување и објавување анализи, истражувања, информации, извештаи и други документи поврзани со родовата еднаквост.

Инаку, Секретаријатот за родова еднаквост е во групата механизми кои државата се обврза да ги спроведува како дел од стратегијата за имплементација на Истанбулската конвенција.