Главна секција Седницата за разрешување на Зврлевски продолжува в среда во 11 часот

Седницата за разрешување на Зврлевски продолжува в среда во 11 часот

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во 18 часот го прекина шестото продолжение на седницата за разрешување на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски и следната седница ја закажа за среда, во 11 часот.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ испратија писмо до Државната комисија за спречување на корупција за таа да се произнесе дали треба да продолжи седницата бидејќи се распишани локалните избори, а во меѓувреме неколкупати побараа пауза од еден час во Собранието.

Опозицијата побара, додека Комисијата да одговори на писмото, во Собранието да се стави точката за разрешување на Зврлевски во мирување, а да се расправа по други точки.

– Да прекинеме со оваа пародија и да ја тргнете точката од дневен ред. Нека се изјасни Комисијата дали е ова е во согласност со законот, ако е, ќе продолжиме, ако не е, нема да продолжиме. Овие два-три дена може да се искористат за други поважни теми како пожарите, депонијата во Струга, мигрантите, Договорот со Бугарија. Не бегаме од работа и од дебата, тука сме, ќе работиме – вели Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот спикер Џафери рече дека Собранието работи по Уставот и по деловникот и дека испратеното барање до Комисијата за спречување на корупцијата не е пречка за негова работа.