Македонија Седиштето на ЦИВИЛ мета на вандализам со заканувачки и навредливи пораки

Седиштето на ЦИВИЛ мета на вандализам со заканувачки и навредливи пораки

Седиштето на ЦИВИЛ повторно е мета на вандализам со заканувачки и навредливи пораки, информираат од организацијата. Оттаму појаснуваат дека панелот во дворот зад седиштето на организацијата што се користи за состаноци и изјави за јавноста е турнат, а врз него е ставена лопата.

„Натписот со логото на организацијата и натписот „Слободна зона“ веднаш под него се скинати, а пред вратата беа истурени отпадоци. На вратата, со остар предмет е изгравиран зборот „Nazi“ (нацист). Ноќта помеѓу 29 и 30 јуни, непознатите сторители, со очигледна политичка агенда, се обидуваат да испратат заканувачки и навредливи пораки до организацијата“ соопштија од ЦИВИЛ.

Случајот е пријавен во полиција, а од ЦИВИЛ додаваат дека ова не е првпат да бидат мета, имајќи предвид дека организацијата и нејзините претставнички и претставници се постојано под напад од националисти и радикали, па и од високи функционери на одредени политички партии и политички структури.

Од ЦИВИЛ потсетуваат дека веднаш по настаните на 27 април 2017 година, нивното седиште било ограбено, кога и биле украдени лаптопи и електронската архива на организацијата. И во 2018 година, тие бележат инцидент, кога на паното на ЦИВИЛ беа испишани вулгарни зборови и симболи.