Македонија Се врши увид на местото на несреќата, на возачот на автобусот ќе...

Се врши увид на местото на несреќата, на возачот на автобусот ќе му се испитува крв и урина

Најголем дел од жртвите и повредените во трагичната сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Скопје – Тетово се граѓани на Гостивар, информираше градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

-Жалосен ден за цела Македонија. Има голем број повредени, 13 се загинати, а петмина се во сериозна животнозагрозувачка состоба. Најголем дел од повредените и загинатите се од Гостивар. Се преземаат сите неопходни мерки. Посетив голем дел од пациентите. Шоферот е во добра, стабилна состојба и се надевам дека ќе добиеме релевантни информации од него и од надлежните институции за превртувањето на автобусот полн со патници – рече Таравари.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека заради расчистување на причините за несреќата надлежен јавен обвинител побарал да биде земено крв и урина од возачот и да се направи проверка на техничката состојба на автобусот.

„Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден“, се вели во соопштението од ОЈО.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски информираше дека екипи на МВР и јавниот обвинител се на лице место и дека увидот е во тек. Истакна дека подетални информации за сообраќајната несреќа ќе бидат соопштени подоцна.

-Со возачот е разговарано и тој е моментално во болница, и од тоа што е разговарано со него ќе помогне на утврдување на причините на несреќата – рече тој.