Дописници Се вработи во штипската болница по 19 години волонтирање

Се вработи во штипската болница по 19 години волонтирање

Штипјанец, кој цели 19 години работел за 4.500 денари како волонтер, изминатата недела доби решение за вработување на неопределено работно време. Овој волонтер е еден од 42 волонетери од Клиничката болница и градинката „Вера Циривири Трена“, кои добија вработување по новиот закон за трансформација на раобтниот однос. Некои од нив работеле по две-три години како волонтери или договорно, но има и такви кои по 10, 15, па и по 19 години беа без решен статус.

Во Клиничката болница во првата група се вработени 18 волонтери. Во септември догодина треба да бидат вработени уште 35 волонтери. На доделувањето на решенијата на нововработените, министерот за здравоство, Никола Тодоров, рече дека вкупно 1.900 волонтери со овој закон треба да добијат решенија во сите здравствени институции во државата.

Се очекува деновиве да бидат доделени решенија и во градинката „Астибо“. Сè уште не е познато на јавноста колку ќе вработи Општината, каде градоначалникот уште со доаѓањето се пожали на превработеност.

Во Клиничката болница уште отсега најавиле дека нема да има склучување на волонтерски договори. На заинтересираните лекари и медицински персонал им било кажано дека на работа можат да доаѓаат само врз основа на нивна добра волја, но договори да не очекуваат. Досега, во најмала рака, новиот персонал склучуваше волонтерски договор.