Дописници Се уредува патеката покрај каналот Студенчишта

Се уредува патеката покрај каналот Студенчишта

Општина Охрид, ги привршува подготвителните работи околу изградбата и уредувањето на патеката која ќе го следи каналот Студенчишта, на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“.

Делот од патеката кој се уредува во првата фаза е долг 346 метри, додека целокупната, до ресторанот „Котва“, ќе изнесува 560 метри.

Првиот дел од патеката треба да биде направена до средината на есента, а наредната година планирано е да се прави и делот до мостот.

Исечени се повеќе дрвја, за што реагираат од еколошките асоцијации, но и дел од граѓаните.

Од локалната самоуправа уверуваат дека се сечеле само стари и трули дрва, а брезите и врбите кои се дел од дрворедот на овој потег ќе останат, односно, сите дрва кои можат да се вклопат во проектот ќе останат и нема да се сечат.

Според најавите, патеката ќе биде изградена од природни материјали (камени плочи и дрво), а изведувач е охридската фирма „Бифора инженеринг“, со рок за изведба од 12 месеци.

Вкупниот проект чини околу 20 милиони денари, а ќе биде финансиран со пари од општината.

Предвидено е да се исчисти и малиот канал, а ќе се постават дрвени платформи за пристапување на пловните објекти и неколку видиковци.