Македонија Се продаваат два плаца на Мијалков, се очекува да се продадат за...

Се продаваат два плаца на Мијалков, се очекува да се продадат за 2 милиони евра

Претходно, на јавно наддавање беа продадени и трите стана на Мијалков на Водно, за 332.376 евра, а освен тоа, беа продадени и негови два стана во Охрид и земјиште за 244.000 евра

Фото: ФБ страница на Агенцијата за управување со одземен имот

Со денешната објава за продажба на недвижен имот од страна на Агенцијата за управување со одземен имот, а со претходно донесена владина одлука, продолжува враќањето на парите во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Станува збор за градежно неизградено земјиште со површина од 3.880 м2 и шума со површина од 634 м2, кои спаѓаат под општина Центар, а се одземени со правосилна пресуда од Основен кривичен суд Скопје.

Со продажбата на овие недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 126 милиони денари или 2 милиони евра.

„Агенцијата за управување со одземен имот со ова објава ги повикува и охрабрува сите заинтересирани правни и физички лица без страв и притисок да земат учество на јавната лицитација на овој линк“, соопштуваат оттаму.

Претходно, на јавно наддавање беа продадени и трите стана на Мијалков на Водно, за 332.376 евра. Освен тоа, беа продадени и негови два стана во Охрид и земјиште за 244.000 евра.