Македонија Се отвора соларен саем за обновливи извори енергија за подигнување на свеста...

Се отвора соларен саем за обновливи извори енергија за подигнување на свеста и заштита на животната средина

Целта на саемот е да се намали влијанието на климатските промени преку примена на обновливи извори енергија

Илустрација: Солар Македонија

Од 15 до 17 септември ќе се одржи голем „Соларен саем“, на кој ќе учествуваат дваесетина компании, а посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите технологии од соларниот сектор.

На настанот ќе бидат присутни производители и трговци на соларна опрема како: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото/термални колектори, громобранска заштита, системи за греење/ладење/вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни
сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.

„Посетителите ќе можат да учествуваат и на дискусии за користење на обновливи извори енергија за домаќинства и да слушнат препораки од граѓанските организации кои работат во овие сектори. При разгледувањето на соларната опрема граѓаните ќе можат да остварат непосредни средби и со претставници од банкарскиот сектор и со донатори и ќе добијат корисни препораки за различни опции за финансирање при избор на опрема“, велат од Солар Македонија.

Целта на саемот е да се намали влијанието на климатските промени преку примена на обновливи извори енергија.

„Ова би се постигнало преку сеопфатна едукација на населението. Зајакнувањето на капацитетите е можно со зголемување на јавната свест за инвестиција во сертифицирана опрема според европска регулатива. Многу често зборуваме за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но ретко се прашуваме, кои сертификати и услови се неопходни при избор на најадекватниот систем. На овој саем граѓаните ќе можат да се едуцираат и информираат каква опрема се нуди кај нас, каде има субвенции, поволни кредитни линии за енергетска ефикасност и на лице место да погледнат во каква опрема би можеле да инвестираат“, велат професор Илија Насов и машинскиот инженер Стефан Трајков од асоцијацијата Солар Македонија.

„Сакаме да ја подигнеме свеста за моќта која ја имаат граѓаните како потрошувачи за да влијаат на подобрување и заштита на животната средина, штедење на струја и наедно пари, само така ќе се намалат последиците од климатските промени. На настанот ќе бидат присутни и граѓански организации кои работат во секторите животна средина, енергија и клима, па присутните ќе можат да се информираат повеќе и за нивните активности и кампањи“, истакнува Жарко Конески, раководител на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“.

Саемот ќе се одржи на приземјето во трговскиот центар Сити Мол. Тој е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест” и во соработка со „Македонското здружение на млади правници“ и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP). Целиот проект финансиски е поддржан од Владата на Кралството Шведска.