Економија Се отвора пат за млечените и месните производи да се извезуваат во...

Се отвора пат за млечените и месните производи да се извезуваат во Русија

„На пазарот во Руската Федерација нашите земјоделски производи, месо и месни производи и млеко и млечни производи, не се продаваат и од тие причини правиме напори да можеме да ги продаваме“, изјави министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Денеска беше потпишан меморандум помеѓу македонските Министерство за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство и Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, за исполнување на барањата да се реализира извозот, како и за создавање заштитни механизми за злоупотребите со увоз на земјоделски производи во Русија со лажни македонски сертификати.

Алексеј Алексеенко, помошник раководител на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, истакна дека наскоро Македонија ќе добие неограничен пристап кон рускиот и кон пазарите на другите земји од евроазиската економска унија.

Трговската размена на Македонија со Руската Федерација, во 2014 во однос на 2013 година, е зголемена за 92,8 проценти, а во првите три месеци од годинава е задржано истото темпо.