Македонија СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ сака со нова политичка блокада да ги закочи реформите

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ сака со нова политичка блокада да ги закочи реформите

Најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието само за да го блокира Законот за употреба на јазиците е уште еден доказ дека опозициската партија продолжува да работи спротивно на интересите на граѓаните и на државата и дека нејзина единствена цел е да создаде нова политичка блокада со која ќе го закочи реформскиот процес, реагираат од СДСМ.

Од владејачката партија велат оти е очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да ги напушти политиките на деструкција и блокади, коишто предизвикуваат политички тензии, поделби и раздор во општеството.

„Со таквото дејствување, ВМРО-ДПМНЕ е против европските вредности и против концептот на едно општество и уште еднаш докажува дека не се грижи за интересите и потребите на граѓаните, туку дека води ситни, провидни политикантски игри“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму го повторуваат ставот дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и Амандманот 5 и дека законот не фаворизира и не дискриминира ниту еден јазик, туку ја унапредува употребата на јазиците на сите немнозински заедници што живеат во Македонија.

„Законот не го доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија, а употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и понатаму остануваат единствени официјални службен јазик и писмо на територија на Република Македонија, во меѓународните односи, одбраната, монетарната политика и централната полиција“, велат од владејачката партија.