Македонија СДСМ: Власта на Никола Груевски сака да ги направи судиите административни фигури

СДСМ: Власта на Никола Груевски сака да ги направи судиите административни фигури

Со предлог-законот за одредување на видот и на висината на казните, власта ја ограничува слободата на судиите. Власта на Никола Груевски сака да им наметне на судиите да бидат само административни фигури, истакна на денешната прес-конференција Горан Сугарески, пратеник од СДСМ.

– Наместо независно одлучување според убедување, судиите ќе бидат принудени да ги одмеруваат казните преку шаблонски систем за одземање и за додавање поени. Тоа ќе биде на штета и на судскиот систем и на граѓаните. Судијата треба да биде независен и да одлучува врз основа на своето убедување и стручност, а одмерувањето на казните да биде врз основа на конкретни фактички околности – изјави Сугарески.

Тој додава дека и покрај бројните критики што ги добива Македонија во ивештаите на Европската комисија, а се поврзани со судството, власта продолжува со носење лоши закони, особено во оваа област.

– Најавуваните реформи во судството од страна на Владата веќе не се ниту обична шминка, туку целосно промашување, кое ќе биде на штета на граѓаните на Македонија – додаде тој.