Македонија СДСМ: Власта на Груевски ја зголемува можноста за ширење на ХИВ

СДСМ: Власта на Груевски ја зголемува можноста за ширење на ХИВ

Власта на Никола Груевски ги става под ризик граѓаните, ја зголемува можноста за ширење на ХИВ и ги загрозува животите на пациентите кои веќе се лекуваат, обвини денеска Јагода Шахпаска, пратеничка на СДСМ, на прес-конференција пред Собранието, каде се одржува протест против кратењето на буџетот за превенција од ХИВ.

– Кратат неверојатни 59 отсто од средствата предвидени за превенција и за лекување од ХИВ! Од минатогодишната сума од 65 милиони денари, буџетот за превенција од ХИВ е сведен на само 27 милиони денари. Со тоа се доведуваат под ризик припадници на ризични групи, повеќе од 15.000 граѓани на кои ќе им бидат ускратени бесплатни средства за превенција и брзи тестови за рано откривање на ХИВ! Овој несериозен однос на владата, може да доведе до фатални последици! Нови 860 лица позитивни на ХИВ до 2030 година, како и 290 смртни случаи до 2030 година – рече Шахпаска.

Таа рече и дека дополнително загрижувачки е и тоа што на крајот на годинава, Глобал фонд ја напушта Македонија, а со тоа ќе секнат и парите за превенција на ХИВ од овој фонд.

Шахпаска рече дека пратениците од опозицијата го поддржуваат протестот против намалување на средствата за ХИВ и дека поднеле амандмани на буџетот за зголемување на парите за ова намена.