Македонија СДСМ: Само ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се закана за унитарноста на Македонија и...

СДСМ: Само ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се закана за унитарноста на Македонија и за единството на граѓаните

Заробени во историјата, омразата и во лицемерството, со желба за спас на криминалот и на личните богатства, токму ВМРО-ДПМНЕ на Груевски и неговите соработници се единствената закана за унитарноста на државата и за единството на граѓаните, порачува СДСМ во одговорот на прес-конференцијата на Антонио Милошоски, по обраќањето на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, до јавноста.

„Квалитетниот живот за сите граѓани, суверенитетот и стабилноста на Република Македонијa, членството во НАТО и во Европската Унија и демократијата се несфатливи и недостижни вредности за ВМРО-ДПМНЕ и за Никола Груевски, бидејќи сè што тие правеа во изминатите години беше уништување на овие вредности и уништување на достоинството на граѓаните. Програмата на новата влада што денеска беше претставена од страна на претседателот Зоран Заев е гаранција за унитарноста и за целовитоста на државата. Концептот на едно општество содржан во програмата е единствената гаранција за безбедноста и за спокојот на граѓаните и за сегашноста и за иднината на Република Македонија“, одговори СДСМ.

Партијата вели дека „Македонија ќе биде еднакво општество за сите, демократска, слободна и просперитетна држава во која сите ќе бидат важни, бидејќи така одлучија околу 700.000 граѓани“.