Македонија СДСМ предложи мерки против загадувањето

СДСМ предложи мерки против загадувањето

Скопје стана европски шампион според загадување на воздухот, а скопјани добија татковски совет од грижливиот градоначалник да седат дома, да не проветруваат, да не палат оган и да не се возат со моторни возила, изјави на денешната прес-конференција Пеце Мирчески, претседател на Комисија за животна средина на СДСМ.

„Тоа што Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ го нарекуваат „мерки за намалување на загадувањето“, не се ни приказни за мали деца. „Не излегувајте надвор и не отворајте прозорци“ не е мерка! Отровот секако ни влегува дома! Згора на тоа, овие препораки и совети директно се косат со препораките на лекарите за проветрување на просториите во услови на, исто така, растечки инфекции и грип – истакна Мирчески.

Поради тоа од СДСМ бараат: да се преиспита таканаречената мерка од прв степен, која, всушност, е само една обична молба; да се засилат контролите на возилата и да се исклучат од сообраќај сите без еколошки стандарди; да се следи континуирано работењето на сите инсталации во градот Скопје, затоа што во законот не постои термин „крајна претпазливост“, туку постои обврска за постапување и санкција;  да се известува редовно, барем еднаш неделно, кои капацитети загадуваат и како тоа е санкционирано;  да се засилат контролите за тоа дали инсталациите работат во согласност со издадените еколошки дозволи А и Б, дали вршат редовно мерење на испуст, дали работата е во согласност со плановите за управување со животната средина, дефинирани во елаборатите за заштита на животната средина или студиите за оцена на влијанијата врз животната средина.