Македонија СДСМ поднесе 984 амандмани за формирање на новиот универзитет

СДСМ поднесе 984 амандмани за формирање на новиот универзитет

Пратеничката група на СДСМ поднесе 984 амандмани на предлог-законот за формирање на универзитетот „Даме Груев“.

Горан Сугарески, координатор на пратеничка група на СДСМ, вели дека со одлуката за формирање на новиот универзитет целосно е прекршена процедурата за носење одлука за формирање нов универзитет.

– Како опозиција, ја прашуваме Владата зошто не е поднесен до пратениците елаборатот за формирање на универзитет на разгледување? Исто така, каде е одлуката на одборот за акредитација со која се дава мислење за нов универзитет? Зошто сè уште се држи во тајност составот на одборот за акредитација? Пратениците ги немаат на увид и стручните мислења на постојните факултети за потребата од формирање нов универзитет. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш шверцерски сака да ја протне и оваа одлука без да се испочитуваат законите и процедурите во оваа држава – изјави Сугарески.

Тој додаде дека СДСМ и опозицијата нема да дозволат создавање на нови факултети чија единствена цел е вдомување на партиски јуришници на ВМРО-ДПМНЕ.