Македонија СДСМ: Одлуката на судот за „бомбите“ е незаконска

СДСМ: Одлуката на судот за „бомбите“ е незаконска

Денеска, за време на паузата од преговорите на работните групи на политичките партии, Оливер Спасовски изјави дека Никола Груевски со барањето да се издвојат доказите од прислушуваните материјали ја признал сопствената вина за сите злодела што им ги направил на граѓаните.

– Девет месеци Груевски ја лажеше македонската јавност дека прислушуваните материјали, кои го покажаа неговиот криминал, се сечени, лепени и монтирани. Вчера, тој ја потврди содржината на прислушуваните материјали и на документите објавени во „Вистината за Македонија“. Се појави на површина најголемиот страв на Никола Груевски – соочување со обвинение – изјави Спасовски.

Тој додаде дека вчерашната одлука на Основниот суд Скопје 1 е незаконска, затоа што, како што рече, судот нема право да постапува по барање на Никола Груевски и на другите осомничени во оваа фаза од постапката.

За Спасовски, повисоката судска инстанца е должна да донесе одлука за укинување на ваквите незаконски решенија на судијата во предистражна постапка.

– Судија кој спречува правда и помага обвинет во постапка за кривични дела во организиран криминал, според меѓународната судска практика, се казнува со поголема казна отколку обвинетиот. Со вчерашниот притисок врз судот, Груевски ја покажа намерата за кршење на Договорот од Пржино. Но, Груевски нема да ги избегне обврските од договорот – вели Спасов.

Според него, овој скандал само ја потврдил неопходноста од специјален јавен обвинител.

– Специјален јавен обвинител мора да се избере, а метеријалите на прислушувањето ќе бидат предмет на новиот обвинител. Груевски и неговте соработници нема да избегаат од правдата – заклучи Спасов.