Македонија СДСМ очекува убедлива победа на локалните избори, вели Тунтев

СДСМ очекува убедлива победа на локалните избори, вели Тунтев

Го поздравуваме денешното распишување на локалните избори и очекуваме убедлива победа на нашите кандидати за градоначалници и листи за советници, во интерес на граѓаните, изјави денеска на прес-конференција во Собранието, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

– СДСМ е подготвен за локалните избори што по промената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво. Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, почнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво. По промената на локалните власти, целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на институциите на општинско ниво, што денес во голем број се заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Општините ќе работат за граѓаните и за олеснување на нивниот живот. Граѓаните во центарот на вниманието и решавање на нивните проблеми и на локално ниво ќе биде реалност – вели координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Тунтев ги повика сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори, а од институциите рече дека очекува да бидат подготвени ефикасно и професионално ќе одговорат на предизвикот за организирање фер, слободни и демократски избори што во целост ќе ја рефлектираат волјата на гласачите.