Македонија СДСМ: Набргу ќе продолжат демократските процеси

СДСМ: Набргу ќе продолжат демократските процеси

„Потребни се демократски начела, пристојност и здрав разум! Затоа е таква и вчерашната порака на амбасадорот на САД, Џес Бејли, дека на декларираното мнозинство според Устав и закон мора да му се овозможи да го избере новиот претседател на Собранието, како и да се овозможи понатамошно одвивање на процесите со брзо формирање на новата влада! Имаше веродостојни избори, има мнозинство според Уставот, Ѓорге Иванов и Собранието мора да дозволат процесот да се придвижи напред“, порача СДСМ во соопштение претпладнево.

Од партијата велат дека Иванов и Груевски не смеат повеќе да работат на создавање бинационална држава и да го кочат заедништвото, кое е јасно нагласено за напредувањето на Македонија кон членството во ЕУ и во НАТО. Како што се додава во соопштението, интеграциите во Европската Унија и во НАТО се стратешки определби на граѓаните и на Република Македонија.

СДСМ порачува дека е недозволиво да се блокираат тие желби „поради бизнисите на Никола Груевски и на Сашо Мијалков“.

„Демократските процеси набргу ќе продолжат со избор на нов претседател на Собранието и со мандат за формирање нова влада според мнозинската волја на граѓаните! Недозволиво е за нафтени платформи и за бизниси до последен момент на Сашо Мијалков и на Никола Груевски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја блокираат работата на Собранието, а Ѓорге Иванов да не го дава мандатот за да штитат криминал на сметка на државните интереси“, порачува СДСМ.