Македонија СДСМ: Кога нема влада, ризични се отсуствата на претседателот и на техничкиот...

СДСМ: Кога нема влада, ризични се отсуствата на претседателот и на техничкиот премиер

Aко ВМРО-ДПМНЕ сака унитарна и суверена Македонија и се грижи за потребите на граѓаните, треба веднаш отворено да ја поддржи програмата на новата реформска влада, да прифати дека е опозиција и да овозможи мирен трансфер на власта, се вели во соопштението на СДСМ.

Според нив, „и за домашната и за меѓународната јавност е јасно дека ова што го прават Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, поттикнувањето поделби меѓу граѓаните, омраза и нетрпеливост, има цел само заштита на криминално стекнатото богатство и обид за бегство од одговорност“.

– За колку несериозни политичари станува збор, кои не мислат на своите граѓани, покажува однесувањето на Ѓорге Иванов, за кого државен приоритет не е формирањето влада, туку неговите прошетки по Азербејџан, Унгарија и по Австралија. Од денеска и Емил Димитриев, кој извршува функција технички премиер, не е во државата. Во услови кога нема нова влада, Собранието нема претседател, а Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се ориентирани кон сценарија на конфликтност, ова е крајно ризично и бара итно отрезнување на креаторите на кризата и многу брза разврска на политичката криза – се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека институциите мора веднаш да се формираат и државата мора да профункционира според мнозинска волја на граѓаните.