Македонија СДСМ: Ќе го укинеме екстерното тестирање

СДСМ: Ќе го укинеме екстерното тестирање

Со донесените измени на Законот за високо образование и со воведувањето т.н. државен испит, власта на Никола Груевски го загрози уставно загарантираното право на студирање и направи упад во автономијата на универзитетите. Измените се донесени без минимум дебата, без да се земат предвид ставовите на студентите, професорите и на широката општествена јавност, рече на денешната прес-конференција Љубиша Николиќ, пратеник од СДСМ.

– Само дилетантска власт може да си дозволи да изврти ставови на високо-образовна научна институција за да одглуми наводен спасител. Целта на власта не беше подобар квалитет на високото образование затоа што токму оваа власт и учествуваше во уништувањето на образованието во целина. На уплашената власт од разбудената интелектуална свест ѝ се потребни нови механизми на контрола на студентите и на професорите и набрзина донесените измени се таков обид. Затоа се воведените високи казни за професорите, кои одат до затворски казни за деканите, нешто што е својствено за режимите, а не за парламентарни демократии каква што некогаш беше Македонија. Но, СДСМ порачува дека екстерно тестирање нема да има. Екстерното тестирање, и во средните училишта и на факултетите, ќе биде укинато – рече Николиќ.