Македонија СДСМ: Иванов ја продлабочи кризата, само целосно поништување на аболицијата е решение

СДСМ: Иванов ја продлабочи кризата, само целосно поништување на аболицијата е решение

Денешната одлука на лицето Ѓорге Иванов е уште едно, ново кршење на Уставот, што дополнително ја продлабочува и онака длабоката политичка криза во земјава, реагираат од СДСМ на денешната одлука на претседателот за повлекување на аболицијата за 22 лица.

„Аболицијата мора целосно да се поништи и законот да важи подеднакво за сите. Тоа единствено е возможно преку гласање за автентичното толкување на Законот за помилување во Парламентот, со поддршка на сите партии. Само така и Иванов и Груевски ќе покажат дека се за владеење на правото, почитување на Уставот и законите и само на тој начин може да дадат придонес кон разрешување на кризата. Денеска, Ѓорге Иванов повторно реши да ја следи нарачаната, добро осмислена тактика на криминалната власт, предводена од Никола Груевски. Иако можеше да ги поништи сите аболиции, што по нарачка на Груевски ги донесе, тој смислено не го направи тоа“, пишува во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека Иванов им направил услуга на политичарите од ВМРО-ДПМНЕ кои не сакаат да се поништи аболицијата за нив.

„Само целосно поништување на аболицијата е решение. Само целосното поништување на аболицијата ќе значи дека законот е еднаков за сите“, се вели во соопштението.