Македонија СДСМ денеска нема да предложи членови во анкетната комисија за личните карти

СДСМ денеска нема да предложи членови во анкетната комисија за личните карти

Собраниската комисија за изборите и именувањата денеска треба да ја формира анкетната комисија што треба да го расчисти скандалот со фабриката за фалсификување лични карти, пасоши и други документи.

Како што дознаваме од неофицијални извори, опозицијата која гласаше против формирањето на оваа комисија, денеска нема да предложи свои членови за да учествуваат во работата на анкетната комисија.

Формирањето на оваа комисија го побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Имаме обврска по член 17, член 18 и по член 25 од Уставот на Македонија да им гарантираме на граѓаните слобода и тајност на писмата и на другите видови и облици на општење, да им гарантираме тајност на личните податоци, но и да им гарантираме почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот. Дополнително, би сакал да истакнам дека оваа анектна комисија ќе има обврска да обезбеди чисти услови за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година“, истакна Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на формирање на оваа комисија, и покрај тоа што работата на Анкетната комисија за скандалот со прислушуваните разговори речиси еден месец е блокирана. Причината за тоа е што претседателот Петре Шилегов одби да закажува и да одржува седници на кои членовите и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ќе сведочат зад затворени врати.