Македонија СДСМ: Да имаше нова влада, денеска ќе имаше минимална плата од 12.000...

СДСМ: Да имаше нова влада, денеска ќе имаше минимална плата од 12.000 денари

„Да имаше денеска нова влада, овој 1 Мај сите работници веќе ќе имаа 12.000 денари минимална плата. И тоа е само еден пример што губат граѓаните поради интересите на една мала група на чело со Никола Груевски, која се обидува насилно да го спречи трансферот на власта“, порача претпладнево СДСМ во редовното секојдневно соопштение, нагласувајќи дека „тоа што петти месец поради блокадите од ВМРО-ДПМНЕ не може да се формира новата влада“, се одразува штетно врз стабилноста на државата, но и на интересите на граѓаните.

Партијата порачува дека институциите, вработените во нив, сите граѓани се должни да овозможат да се реализира мнозинската волја, односно да го поддржат најавеното формирање влада во блиска иднина.

„Новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, е избран од парламентарното мнозинство по законски и легитимен пат, во согласност со деловникот, законите и со Уставот и ја има поддршката на меѓународниот фактор. Мнозинската волја на 700.000 граѓани, изразена на веродостојни избори почна да се реализира со изборот на новиот собраниски претседател, а ќе продолжи со формирање на новата реформска влада, исто така според деловникот, Уставот и законите. Порачуваме дека никој не смее да помисли да ја блокира работата на новоизбраниот претседател на Собранието и формирањето нова влада, што е тешко противуставно кривично дело, казниво по закон“, се вели во соопштението од СДСМ.