Македонија СДСМ бара веднаш да се прекине изградбата на административната зграда на „Водовод“

СДСМ бара веднаш да се прекине изградбата на административната зграда на „Водовод“

СДСМ и коалициските партнери од опозицијата уште еднаш најостро се спротивставуваат на изградбата на луксузниот административен објект на ЈП „Водовод“, што ги чини граѓаните 11 милиони евра. Оттаму бараат веднаш да се прекине градбата, зградата да се продаде во сегашната состојба, а парите од продажбата да се искористат за нов, ефикасен и поскромен објект.

– За да може да го задолжи Градот за довршување на градбата со кредит од 7,3 милиони евра, Коце Трајановски на денешната седница му предлага на Советот недоизградената луксузна зграда на ЈП „Водовод“ да се стави под хипотека во една од комерцијалните банки. Што значи ова? Комерцијалните банки немаат доверба во јавното претпријатие дека навремено ќе си ги наплатат средствата. Уште пострашно е што Градот Скопје на една од претходните седници даде гаранции за исплатата во случај јавното претпријатие да не може да го исплати долгот. Ова значи дека Градот Скопје не ужива никаква доверба кај комерцијалните банки, што имаат реален увид во финансиската состојба на Градот. Постојат повеќе примери во државава кога јавни институции и органи на управата добивале кредити од домашните комерцијални банки, без хипотекарен залог. Очигледно Коце Трајановски тоа не може да го обезбеди за Скопје – рече на денешната прес-конференција Драги Давчевски, советник во Советот на Град Скопје од СДСМ.