Македонија СДСМ бара пренамена на средства од градскиот буџет за поплавените

СДСМ бара пренамена на средства од градскиот буџет за поплавените

Советничката група на СДСМ и коалицијата бара ребаланс на буџетот на Град Скопје, со кој ќе се овозможи 6.960.000 евра да се пренаменат за санирање на штетите на граѓаните од поплавите во Македонија и за превенција од идни поплави.

– Освен за санирање на штетите, парите предлагаме да се искористат и за: изградба на брана на реката Отиња, со што би се заштитило централното градско подрачје на Штип, редовно чистење на коритото на Црна Река во Пелагонија и чистење на одводните канали, изградба на микроакумулации за собирање на дождовната вода и водата од топењето на снеговите, регулација на коритото на реката Вардар во полошкиот регион. Овие средства да се обезбедат од ставките за: реконструкција и доградба на објекти – фасади: 6.276.000 евра, подготвување проекти за објекти – фасади: 488.000 евра, субвенции за ЈП „Паркови и зеленило“, за набавка на карусел: 196.000 евра. Најискрено очекуваме поддршка од сите советнички групи и се надеваме дека оваа одлука ќе се донесе едногласно. Предлогот на СДСМ и на коалицијата е во интерес на сите граѓани во државата – рече Дамјан Манчевски, координатор на Советничка група „Сојуз за иднината“ и потпретседател на СДСМ.