Дописници Саморегулација во медиумите за професионално известување

Саморегулација во медиумите за професионално известување

Граѓани и организации до Советот за етика во медиумите поднеле 38 жалби, поради непрофесионално известување во медиумите, беше истакнато на денешната дебата, која се одржа во Тетово под наслов „Совет за етика во медиумите – формириање и перспективи“.

Најчесто граѓаните, но и организациите се жалеле на клевети и на навреди, говор на омраза, нарушување на угледот на поединци, но и на дискриминација по секакви основи, кои ги слушнале или препознале во начинот на известување.

Целта на советот кој функционира половина година е да се потсетат новинарите дека постојат правила и норми во начинот на известување.

– Во Советот постои комисија која ги разгледува жалбите и донесува одлуки. Врз основа на претставките, Советот може да посредува помеѓу страните, да се активира процес на посредништво или, пак, да донесе морални санкции односно одлуки, кои потоа би требало да ги објават медиумите. Во иднина ќе настојуваме одлуките по поднесените жалби, судските инстанци да ги земат предвид, доколку за нив постои процеси – изјави Марина Тунева, директорка на извршна канцеларија на Советот за етика во медиумите.

Новинарите треба да известуваат, а не да шират пропаганда. Ваква објективност во медиумскиот простор може да се донесе само преку саморегулација во медиумите, велат од Советот.

– Новинарството треба само по себе да се регулира, новинарите да одлучуваат што треба да се објави, а што не, а сопствениците и центрите на моќ, да се занимаваат со својата работа – вели Сефер Тахири од комисијата за жалби при Советот за етика.

Членот на управниот одбор на Советот, Драган Антоновски, рече дека новинарството не трпи импровизации, посочувајќи на дел од содржините присутни во медиумскиот простор.

– Во новинарството не можеш да импровизираш така како што ти сакаш или како што некој друг сака. Гледате и слушате што сè има во медиумскиот простор – рече Антоновски.

Жалбите до Советот за етика можат да се поднесат електронски и по пошта.

З.Д.