Главна секција Само итни пациенти се оперираат на Клинички центар, останатите се праќаат во...

Само итни пациенти се оперираат на Клинички центар, останатите се праќаат во „8 Септември“ и во Градска

Министерот во заминување Демири кажа дека се набавени 6 надворешни компесори кои може да служат за итни интервенции покомплицирани и за пациенти кои се на КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување)

Фото: Мета.мк

Поради хаваријата со кислородните цевки во хируршките сали, само итните пациенти се оперираат во Клиничкиот центар, а останатите се препраќаат во „8 Септември“ и во Градска болница, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство во заминување Илир Демири. Зборувајќи за тоа што се случило, кажа дека хируршките сали се изградени пред 30 години и дека од тогаш е инсталацијата за кислород и компресорската станица.

„Имаше хаварија во станицата кога се расипа еден од компресорите и настана оштетување, бидејќи влезе уље во тие цевки, по што компресот беше вон функција. Издувани се комплетно цевките, за да има квалитетен кислород. Побарав итно од менаџерите да поднесат барање да може да се сервисираат компресорите. Минатата сабота се случи ист проблем, без никава хаварија, се појави лоша миризба во дистрибутивната мрежа за кислород, поради што реагиравме, кажа Демири.

„Имаше испитување, ни препорачаа да се менуваат филтрите од компресорските станици. Бидејќи не можеме да ги користиме салите, се одлучивме за алтернативно решение, сите случаи да се откажат и да се оперираат само итните, а пациентите да се препраќаат во Градска болница, а другите во „8 Септември“, додаде тој и информира дека набавени се 6 надворешни компесори кои може да служат за итни покомплицирани интервенции и за пациенти кои се на КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување).

Демири кажа дека Јавното обвинителство ќе истражува која е реалната причина за проблемот со непријатна миризба која се јавува ако компресорите се приклучат на централниот довод со кислодрод.

„Затоа Клинички ќе се служи со надворешни компресори“, рече Демири.

Една неделеа повеке од 10 хируршки сали се под клуч, а министерот во заминување дури денеска се огласи во јавноста. Во последнава недела, пациентите збунети бараа решение во другите болници, каде што се полнат капацитетите.