Економија „Самит 100“ ќе почне утре, ќе учествуваат бизнисмени и премиери на држави...

„Самит 100“ ќе почне утре, ќе учествуваат бизнисмени и премиери на држави од регионот

Шестиот годишен „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа ќе се одржи утре и задутре (16 и 17 октомври) во хотел „Мериот“ во Скопје.

На овој настан ќе учествуваат 100 реномирани бизнис-лидери, но и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и македонскиот премиер, Зоран Заев.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа првпат се одржува во Скопје. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.