Економија „Самит 100“ и Коморски инвестициски форум потпишаа меморандум за соработка

„Самит 100“ и Коморски инвестициски форум потпишаа меморандум за соработка

Во рамките на „Самит 100“, вчера беше потпишан меморандум за соработка помеѓу регионалната платформа „Самит 100“ и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF).Форумот е тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и од Црна Гора и e формиран на маргините на Самитот во Трст за Западен Балкан.

Според потписниците на меморандумот, претседателот на управниот одбор на „Самит 100“, Живко Мукаетов, и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, целта е да се обединат силите од приватниот сектор и силните регионални компании да работат заедно на спроведувањето на договорените проекти од Берлинската иницијатива.

„Годинава во Скопје, регионалната соработка на „Самит 100“ е официјализирана преку потпишување меморандум за меѓусебно разбирање и за соработка на нашата платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6. Меморандумот се однесува на поттикнување на деловната соработка и на унапредување на конкурентноста на регионалната и на националните економии“, рече Мукаетов.

Темите за кои се дискутира на овој самит се продлабочување на поврзаноста во регионот преку соработка, побрза трговија со стоки и со услуги, транспорт, енергија и брендирање на потеклото.

„Сакаме да помогнеме во остварување на тие задачи, придонесувајќи во отстранувањето на царинските бариери, синхронизирање на документацијата, но и синхронизирање на другите процедури. Наша задача е да ја задржиме оваа тема високо на агендата и мислам дека таквата подготвеност сега постои, но не смееме да се опуштиме. Ова е прашање на опстанокот на нашиот регион“, заклучи Чадеж.

Денеска на „Самит 100“ ќе дискутираат премиерот Зоран Заев и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.