Свет САД ќе ја сменат програмата за обуката на бунтовниците во Сирија

САД ќе ја сменат програмата за обуката на бунтовниците во Сирија

Американскиот министер за одбрана, Еш Картер, денеска изјави дека САД ќе ја сменат неуспешната програма за обука на бунтовниците за да се фокусира на соработката со курдските сили, како и со другите сили во Сирија.

Програмата, вредна 500 милиони долари, за обука и за опремување на умерените сириски бунтовници за борба со Исламска држава, се смета за неуспешна затоа што дала помалку од 100 војници, од кои многумина побегнале, се заробени или се убиени.

Картер, на конференција за новинари во Лондон, рече дека соработката на САД со Курдите е добар пример за ефикасен пристап со способни и мотивирани копнени борбени сили.

Американските власти велат дека со новиот обид ќе се зајакнуваат припадниците на постојните курдски и сириски сили, наместо да се обучуваат бунтовници и да се праќаат на линијата на фронтот.

Минатата недела командант на една од бунтовничките сили кои се обучувале во САД им предал на екстремистите неколку американски борбени возила.

Наместо да се борат против ИД со мали единици, бунтовниците кои ги обучуваат САД ќе бидат приклучени кон курдските и арапските сили.