Македонија САД го поддржуваат членството на Македонија во НАТО

САД го поддржуваат членството на Македонија во НАТО

Македонија е подготвена веднаш да ги преземе обврските што произлегуваат од полноправното членство во НАТО, рече синоќа, во Стејт департментот, министерот за одбрана на Македонија, Зоран Јолевски, на состанокот со заменик-помошникот на секретарот за Европа и за Евроазија, Хојт Ји.

На средбата, како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, Јолевски и Ји разговарале за реформските процеси во Армијата на Македонија и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа.

Јолевски во текот на вчерашниот ден остварил повеќе средби, меѓу кои и со американските сенатори Том Котон, Патрик Лејхи и Џејмс Инхоф, на кои истакнал дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО позитивно ќе влијае на развојот и на целосната стабилизација на Југоисточна Европа.

Во соопштението се наведува дека американските сенатори изразиле недвосмислена поддршка за членството на Македонија во Алијансата, притоа дале високи мислења за капацитетите на припадниците на АРМ.